, , ,

5 топ совети за подготовка на дворот за летни забави

Неколку практични решенија за подновување на домот

Дворот е одлично место за дружење со пријателите, а како што наближуваат летните топли денови, така расте и желбата за уживање токму во овој дел од вашиот дом. За да го претворите вашиот двор во совршено место за забава, сѐ што треба да направите е да додадете малку нови елементи, малку имагинација и малку повеќе труд и подготвени сте за летото!

Во продолжение прочитајте неколку едноставни идеи за разубавување на вашиот надворешен простор и уживајте во секој момент од летните денови…

Едноставни трикови за големи ефекти

Понекогаш не мора да вложувате многу пари за да направите големи измени во разубавувањето на одреден простор. Една едноставна идеја е да направите дупчиња во оградата и во нив да поставите украсни камчиња во боја кои можете да ги залепите со лепак или силикон. Светкањето и бојата ќе изгледаат како нешто необично и поинакво, па сигурни сме дека сите гости ќе се воодушеват од овој изглед. Доколку немате дрвена ограда, можете да ја украсите оградата со сијалички во разни бои, за да го добиете истиот ефект дури и кога ќе падне ноќта.

Светла и огледала за инстант гламур

Осветлувањето и поставувањето на огледала за визуелно зголемување на просторот не мора да бидат трикови кои ги користите само при внатрешното уредување. Поставете лед сијалички по работ на патеката или градината и залепете огледала на оградата за создавање на ефект на поголем простор, со што веднаш ќе добиете изглед на луксузен двор како од списанијата.

Гледајте филмови на отворено

Доколку вие и вашите пријатели сте љубители на добриот филм, тогаш сигурно ќе ви се допадне идејата за летно кино. Заковајте куки или клинови на оградата или на некоја подебела гранка на дрвото во дворот, а на него закачете едноставно бело платно. Купете или позајмете пројектор и поставете го на соодветна оддалеченост. Сѐ што ви треба друго е удобна гарнитура или неколку големи перници, како и голема количина на пуканки и пиво и подготвени сте за летен филмски маратон!

Инвестирајте во летна кујна

Можеби токму ова лето сте подготвени за поголеми инвестиции во вашиот отворен простор, па ви советуваме да инвестирате во добро опремена летна кујна каде ќе ги подготвувате сите вкусни специјалитети за забавите со вашите пријатели. Една од најнеопходните работи во летниот период е голем фрижидер за да ги излади сите пијалоци и освежителни десерти, како и шпорет доколку планирате готвењето да го преселите на отворено. Послужете ги вашите специјалитети во летниковец скроен по мерка и уживајте со пријателите и семејството во убавото време.

Модерно парче мебел за комплетирање на изгледот

Понекогаш сѐ што ви е потребно е едно впечатливо парче мебел кое ќе се истакнува за да постинете модерен и луксузен изглед. Па така, тоа парче може да биде впечатлива закачалка која ќе го краси дворот или модерна маса на вашиот трем која ќе оддава чувство на елегантно одморалиште на некоја егзотична дестинација. Во секој случај, што и да правите тоа нека биде во рамките на вашиот личен вкус и духот на вашиот дом, па сигурно нема да погрешите во изборот и секогаш ќе се чувствувате удобно во вашето мало катче природа.

Нова Златна книга, бесплатно во вторник со Слободен печат

5 топ совети за подготовка на дворот за летни забави