, , ,

8 најголеми грешки кои ги правиме при одржување на оралната хигиена

W3.CSS
HalkBank

Оралната хигиена превентивно делува на добро здравје. Редовната и правилна хигиена овзоможува отстранување на остатоците на храна и денталниот плак кој е многу опасен. Д-р Нина Ве советува за 8-те најголеми грешки кои ги правиме при одржување на оралната хигиена.

8. Премногу силно ја притискаме четката при четкање на забите

Кога пресилно четкаме, влакната на четката за заби се виткаат и не успеваат да ги отстранат наслагите од забните површини. Преагресивното четкање исто така може да предизвика и повреда на непцето.

7. Не внимаваме на храната која ја јадеме

Сите знаеме дека претераниот внес на шеќери доведува до кариес на забите. За да ги одржиме забите здрави, треба да јадеме храна богата со калциум, фосфор и флуор. Еве неколку совети за вас.

  • Храна која содржи калциум
    • Млечни произвиди
    • Кора од овошје и зеленчук
    • Риба
    • Грав
  • Храна која содржи фосфор
    • Риба
    • Житарици
    • Ореви
    • Леќа

Флуорот генерално го примаме во мали количини преку водата и млекото. Но, во одредени области водата има ниска концентрација на флуор, така што истиот мора да се надомести преку храна, како што е млеко или сол, или преку локална примена на флуор во контролирани услови од страна на стоматолог.

6. Не употребуваме додатни средства за орална хигиена покрај четката

Независно од вашата техника на четкање и типот на четка што го користите, не можете целосно да ги отстраните наслагите кои се акумулираат на забите. Затоа е многу важно да се употребува забен конец со кој ќе се отстранат наслагите меѓу забите. Ако помеѓу забите просторот е поголем, се препорачува употреба на интердентална четкичка. За поефективно отстранување на бактериите препорачлива е секојдневна употреба на течност за плакнење на устата.

Исклучително се корисни оралните тушеви кои освен за забите се препорачуваат за одржување на здравјето на непцата. Млазот од вода, воздух и течност за плакнење, со јак притисок ги отстранува наслагите и истовремено ги масира непцата.

5. Не се грижиме за нашите непца

Ако вашите непца се слаби и воспалени, може да се развие пародонтопатија. Оваа болест придонесува за воспаление придружено со оток, чести крварења и соголување на забните вратови. Краен исход на ова хронично заболување е расклатување и губење на забите.

За да ги одржите вашите непца здрави, треба да ги масирате со мека четка за заби, или со прст, правејќи кружни движења. Јадете почесто цврста храна и темелно џвакајте ја. Повремено плакнете ја устата со стерилен раствор на сол или чај од камилица или кантарион.

4. Не го чистиме редовно и навремено забниот камен

Забниот камен претставува минерализирани забни наслаги. Има жолтеникаво-кафена боја и не може да се отстрани со обична четка за заби. Акумулацијата на забен камен предизвикува воспаление на непцата и пародонтална болест. Затоа, препорачуваме барем 2 пати годишно стручно отстранување на забниот камен од страна на стоматолог.

3. Мислиме дека е премногу доцна за ортодонтски протези

Многумина сметаат дека исправувањето на забите може да се спроведе само во периодот на адолесценцијата. Возрасните сметаат дека е предоцна за носење на протези, но тоа е сосема погрешно. Ортодонтските протези освен што ја разубавуваат насмевката, ги превенираат кариесот и пародонтопатијата преку исправање на забите. Тоа им овозможува на пациентите подобро да ги исчеткаат забните површини а со тоа и да ги превенираат забите болести.

Современата ортодонција нуди широка палета на протези, така што покрај класичните метални брикети, можете да се одлучите за бели порцелански брикети или за прозрачни протези, како и ред други мобилни ортодонтски апарати.

2. Џвакате само на едната страна

Мастиките имаат својство на самочистење, но ако џвакате само на едната страна,  може да доведе до кариеси на едната страна, и атрофија на другата страна од вилицата. Џвакањето на едната страна доведува и до лицева асиметрија. Страната која почесто се користи развива посилна мускулатура, додека спротивната има ослабена џвакална мускулатура, а по одреден период тоа може да биде и причина за појава на болка.

Затоа советуваме, јадете на двете страни од вилицата, јадете цврста храна, а посебно свежо овошје и зеленчук. Тоа ќе ги направи вашите заби поздрави и посилни.

1. Не ги учиме нашите деца како правилно да се грижат за своето орално здравје

Некои родители сметаат дека нема потреба од соодветна грижа за млечните бидејќи се заменливи. Но, сепак здравите навики се создаваат уште од најмалата возраст, а тоа опфаќа правилно одржување на оралната хигиена, па се до редовна посета на стоматолог. Процесот на четкање треба да трае најмалку 3 минути, а четката да се движи од крај до крај, со лесни кружни движења.

Глеѓта на млечните заби не е така цврста и отпорна како кај трајните заби, а жлебовите (фисурите) се многу подлабоки, што ги прави истите полесно расипливи. Затоа, ве советуваме уште од најмала возраст да ги носите на стоматолог вашите деца, правете редовни контроли, залевајте ги навремено забите и чувајте ја вашата орална празнина здрава.

АВИЦЕНА ЛАБОРАТОРИЈА СО НОВА ЛОКАЦИЈА ВО НАСЕЛБА АЕРОДРОМ

8 најголеми грешки кои ги правиме при одржување на оралната хигиена