,

Како да го подготвите автoмобилот за патување

Дефектите не можат да се предвидат однапред, но затоа може да се преземат мери за нивно спречување. За да се избегнат непријатностите треба да се почитуваат неколку совети.

Дефектите честопати произлегуваат по сопствена вина на возачот, поради недоволно или нередовно одржување на возилото. Особено е непријатно ако возилото остане неподвижно при патување на летен одмор, далеку од домот, со целото семејство во возилото и со полн багажник. Тоа што ќе се изгуби еден ден од одморот и на дестинацијата ќе се пристигне со доцнење, претставува најмал проблем во тие ситуации.

Проверката на притисокот во гумите е задолжителна, Дотерајте го притисокот соодветно на натовареноста на возилото, според фабричките препораки

Основниот совет гласи: Почнете со подготовките навреме. Тоа подразбира и проверка во документацијата на возилото, односно дали можеби техничкиот преглед претстои непосредно пред поаѓањето на летен одмор, исто како и проверка дали наближува времето за посета на сервисната работилница заради редовно одржување на возилото. Потребно е да се земе во предвид и километражата по враќањето од пат, којашто може да изнесува и неколку илјади, така што можеби е подобро сервисирањето да се изврши пред поаѓањето.

Евентуалното сервисирање може да потрае со денови или седмици

Секако дека секогаш е подобро техничкиот преглед и сервисирањето на возилото да се завршат пред патување, доколку тоа го дозволува временската рамка. Поранувањето е препорачливо и поради тоа што сервисерите можат да утврдат неопходност од замена или поправка на одредена витална компонента од возилото, за што може да бидат потребни и неколку денови, па можеби и седмици. Повеќето од позициите што се проверуваат во сервисната работилница – доколку сте сигурни дека истите навистина ќе бидат проверени – служат токму за спречување на можноста за дефект.

Проверка на гумите и сопирачките, подвозјето и издувот, проверка на прозорците и на светлата, како и поглед под хаубата и под подот на возилото треба да се подразбираат при секој сервисен преглед и истите веднаш ќе му укажат на стручниот сервисер на „слабите“ места. Покрај тоа, сервисот треба да го провери и акумулаторот, како и нивото на масло во моторот, во системите за сопирање и за ладење, во климата, и секако, во бришачите. Но, секој возач исто така може самостојно да ги изврши овие проверки. За тој случај, ви подготвивме водич со десет точки за проверка:

1 Гуми

Проверете дали има оштетувања на газечката површина и на каскадите, за подоцна да не бидете изненадени од продупчена гума. Длабочината на профилот на газечката површина треба да изнесува најмалку 4 милиметри, заради избегнување опасност од запливување на гумите, односно аквапланинг при ненадеен пороен дожд.

2 Притисок во гумите

Кога возилото е натоварено близу максималната носивост, потребно е соодветно да се зголеми и притисокот во гумите. Притоа не се работи за незначителна разлика во притисокот при секојдневно возење и патување под полна натовареност, туку во одредени случаи оваа разлика може да изнесува и до 50 проценти. Проверете ги пропишаните вредности од производителот соодветно на димензијата на гумите што ги користите на вашето возило во моментот. Вредностите се наведени во прирачникот за користење на возилото, односно на капакот на резервоарот или на прагот на возачката врата.

3 Резервно тркало

Секогаш проверувајте ја состојбата на резервното тркало, за истото да може да се користи во случај на дефект. Дали притисокот во резервната гума е правилен? Дали профилот е во ред? Дали можеби резервната гума е премногу стара. Доколку гумата е постара од шест години, истата треба да се замени, затоа што и некористените гуми стареат и стануваат порозни со текот на времето. Четирицифрениот број DOT на каскадата на гумата укажува на датумот, односно на неделата и годината на производство. Бројот 1605 на пример, укажува дека гумата е произведена во 16-та недела во 2005 година и во тој случај гумата секако треба да се замени, затоа што е постара од 10 години.

4 Моторно масло

Дали нивото на масло во моторот е доволно? За секој случај понесете резервна кантичка со моторно масло, најдобро со истата спецификација со маслото што е наполнето при последната замена. Доколку моторното масло на мерната шипка ви изгледа дека е премногу темно при проверката, тоа може да биде знак за лошо согорување во моторот или за престаро масло. Во тој случај е само прашање на време кога ќе се случи дефектот.

5 Акумулатор

Проверката на акумулаторот без соодветната опрема не може да се изврши темелно. Доколку алтернаторот е во ред, акумулаторот би требало да го издржи патувањето на одмор, при нормално оптоварување, дури и ако тој веќе е стар неколку години. Проверете го нивото на електролит. Доколку се работи за акумулатор што не бара одржување, наполнетоста и состојбата можете да ги проверите преку прозорчето, односно преку бојата што се прикажува во него. Белиот талот на половите на акумулаторот е јасен знак дека акумулаторот е неисправен и се препорачува негова замена пред поаѓањето на пат.

6 Клинест и други ремени

Проверете под хаубата во каква состојба се клинестиот ремен, цревата од системот за ладење и каблите за палење. Напукнат клинест ремен може многу лесно да се скине. Доколку ременот квичи при возењето, тоа е сигурен знак за замена на ременот и проверка на системот.

7 Течност за сопирачки и за ладење

Не пропуштајте да го проверите нивото на течноста во ладилникот, односно во садот за изедначување, како и во системот за сопирање. Доколку нивото на течноста во некој од овие садови не е доволно само да се дотури соодветна течност, туку треба да се провери и причината за губењето на истата. Дали се работи за пропуст при одржувањето? Или можеби системот протекува? Дамките во гаражата или под паркираниот автомобил можат да откријат многу во тој поглед. Доколку нивото на течноста во системот за сопирање е превисоко, мора да се планира замена на течноста пред поаѓањето. Превисокото ниво на вода во системот може да претставува сериозна опасност при долго и брзо спуштање по надолнина, кога системот се прегрева и под дејство на создадените воздушни чепови во системот за сопирање произлегува целосно откажување на дејството на сопирачките.

8 Прозорци и светла

Проверката на прозорците и на светлата е неопходна заради навремено откривање на евентуалните оштетувања. Ударите од камчиња во ветробранското стакло можат во текот на возењето да се рашират во голема пукнатина и на крајот да доведат до целосно пукање на стаклото. Се разбира дека светлата и трепкачите треба да функционираат беспрекорно. Задолжително понесете го комплетот резервни светилки во возилото.

9 Бришачи

Избегнувајте да користите обична вода во системот за миење на стаклата. Таа не чисти доволно и може да го оштети системот

Возењето со замачкани остатоци од инсекти по ветробранското стакло е мошне опасно. Проверете го нивото на течноста во садот за миење на стаклата и наполнете соодветно средство. Полнењето обична вода лете не се препорачува, затоа што таа не поседува детергентско својство, а може да предизвика и зачепување на чувствителните црева во системот. Проверката на состојбата на метличките на бришачите исто така е неизбежна.

10 Контролни светилки

Денешните автомобили поседуваат квалитетни системи за дијагностика. Грешките и пречките во функционирањето се прикажуваат во таблата со инструменти или со звучен сигнал. Никако не ги игнорирајте овие предупредувања!

За секој случај, во возилото треба да се понесат џебна светилка, кабаница и ракавици, а задолжително е во возилото да се наоѓаат и сигурносен елек и сигурносен триаголник, исто како и прибор за прва помош со важечки датум.

Во “ZGJIMI COMPANY” може да го осигурате Вашиот автомобил или да извадите Зелен Картон. Зелениот картон се издава врз основа на издадена полиса за осигурување од автомобилска одговорност од соодветната компанија и е замена за полисата за осигурување од автомобилска одговорност издадена за матичната земја со важност за сите земји-членки наведени во полисата.

Среќен пат!

Силк Роуд Банка стана долгорочен партнер на Клиниката за детски болести во Скопје

Како да го подготвите автoмобилот за патување