, ,

Резултатите од хроно исхраната се „две во едно“

Хроно исхраната вклучува три главни оброка, за кои е важна сатницата, а една од најважните цели е обескиселување (алкализација) на организмот.

Хроно исхраната се базира на основните принципи на физиологијата кај човекот, биохемиските процеси, лачењето на хормоните, ензимите во човечкиот организам. Постојат три основни постулати во хроно исхраната. Таа вклучува три главни оброци, но важна е сатницата, временскиот распоред помеѓу оброците. Вториот принцип на хроно исхраната е обескиселување (алкализација) на организмот, а третиот е принципот на гликемискиот индекс. Во хроно програмата е битно да имаме храна со низок гликемиски индекс, објаснува доктор Горан Николов, специјалист интернист и супспецијалист кардиолог, во разговорот за „Плусинфо“.

Д-р Николов, како стручњак да ни објасните како настанува дебелеењето? Дали е само проблем со исхраната или настанува и како одговор на хормоналниот и ензимскиот дисбаланс?

– Дебелината претставува хронична неурамнотеженост помеѓу внесот на енергија и потрошената енергија. Ако повеќе внесувате, а помалку трошите, сигурно е дека постепено ќе дојде до натрупување на маснотии во човечкиот организам. И обратно, ако повеќе трошите, а помалку внесувате, ќе почнете да ги губите килограмите. Меѓутоа, имаме и други типови на дебелина. На пример, луѓето кои се на терапија со психофарматици, од типот на антидепресиви, антипсихотици, како и кортикостероиди, антидијабетици може да се дебелеат. Постојат и таканаречени ноќни пореметувања во исхраната, кога човекот се буди од сон и почнува компулсивно-импулсивно (опсесивно) да јаде. Потоа, дебелината може да е последица и на заболување на штитната жлезда, кога таа работи забавено, хипотиреоза. Значи постојат повеќе причини кои може да доведат до дебелина.

Вашиот Центар за внатрешни болести „Срце“ ја воведе за прв пат во Македонија хроно исхраната. Зошто се одлучивте токму оваа диета да ја спроведете кај нас?

– Пред четири години, слушнав од мојата сопруга дека некои доктори во Белград ја препорачуваат оваа диета. После направениот контакт со колегите, го посетив и Центарот на доктор Ана Гифинг за да видам како тие работат. Таму велеа дека со хроно исхраната на дијабетичарите им се намалува дозата на инсулин како и лековите за шеќерна болест, дека кај оние кои имаат зголемен крвен притисок (хипертензија) им се преполовува терапијата. А јас, бидејќи сум интернист кардиолог, на почетокот не ги сфатив толку сериозно. Се прашував дали навистина е тоа така. Но потоа кога истражував, видов дека диететиката е цела наука. И затоа одлучив примената на хроно исхраната да ја донесеме и воведеме во Македонија.

На што се базира хроно исхраната? Дали ги исклучува само шеќерите-јагленохидратите?

– Какош што веќе спомнав хроно исхраната се базира на трите основни принципи. Таа вклучува три главни оброци и временскиот распоред на оброците треба да биде помеѓу 4 и 6 часа, односно оптимално 5 и пол до 6 часа. Појадокот е најтемелниот оброк во денот и тој треба да биде најдоцна до 10 часот. Кога ние го закиселуваме организмот со некои погрешни навики, како што се, на пример, пушењето тутун и пиењето алкохол, дебелината, овие навики и состојби кај човекот може да предизвикаат закиселување на оргнизмот, кое пак доведува до хронични, воспалителни процеси кои може понекогаш да дегенерираат и во некој видови на малигни заболувања. Од друга страна хроно исхраната доведува до алкализација на организмот, односно негово обескиселување. Под гликемиски индекс се подразбира, времето потребно шеќерот да премине во гликоза. Гликозата е главен извор на енергија кај човекот. Според тоа постојат храни со висок гликемиски индекс и храни со низок гликемиски индекс. Во хроно исхраната е битно да се конзумираат храни со низок гликемиски индекс кои ќе доведат до споро подигнување на шеќерот во крвта кај човекот.

Како треба да изгледа еден оброк?

– Кога зборуваме за периодот на рестрикција, период на слабеење кој трае 28 дена, според хроно принципите за појадок можете да јадете сѐ. Појадокот дозволува мешање на јагленохидратите (шеќерите) со мастите и протеините. Другите два оброка, ручекот и вечерата, ги исклучуваат јагленохидратите, а вклучуваат само протеини и зеленчук. Со појадокот внесуваме доволно енергија која во текот на денот постепено се ослободува и затоа чувствуваме ситост до ручекот. Ручекот пак, треба да се базира на протеини (разни видови меса), салати од зеленчуци, меѓутоа се исклучуваат лебот, компирот, оризот, односно се исклучуваат јагленохидратите. Вечерата, исто така, треба да содржи полесни протеини, од типот на бело месо (пилешко, мисиркино), бели риби како што е осличот и печурки, сето тоа со прилог од зелени салати (зелка, брокула, марула, краставици итн.). Во хроно исхраната како извор на протеини може да се конзумираат млечни производи како што се младото сирење, урдата и ферментирани млека (кисело млеко), но не и јогурт.

Доколку се работи за лица кои треба да ослабат повеќе килограми, периодот на рестрикција може да продолжи неколку месеци. Кога ќе се постигне целната тежина, се преоѓа на траен режим на хроно исхрана. Тогаш го прошируваме менито, тогаш може да се воведат и јагленохидрати-шеќери, но во форма на сложени шеќери кои постепено ослободуваат гликоза, така да и чувството на ситост трае подолго. За да подобро тоа се разбере, ќе наведам еден пример-белиот леб и сите видови пецива бргу го подигнува нивото на шеќерот во крвта, додека пак црниот леб, направен од интегрални житарки, тоа го прави постепено.

Според искуствата, што се постигнува во периодот на рестрикција, колку килограми може да се загубат?

– Резултатите во хроно исхраната се доста брзи. Веќе за неколку дена се постигнува регулација на шеќерот и на мастите. Сепак, хроно исхраната не е „инстант“ диета која ветува брза загуба на телесната тежина за кратко време. Но, ефектите на хроно исхраната се трајни, доколку сте доследни и доколку ја практикувате понатаму како начин на живеење.

Луѓето најчесто доаѓаат поради естетски причини односно слабеење. Секој сака да биде фит и да има вита става, но ние секојдневно ги гледаме резултатите на хроно исхраната и како со овој начин на исхрана се регулираат шеќерите и мастите во крвта. Да нагласам, дека хроно исхраната за првпат во Македонија е под надзор на лекари специјалисти и нутриционисти.

На почетокот на програмата се прави проценка на здравјето на пациентот, со читање на ЕКГ и толкување на потемелна лабораторија која вклучува проценка на метаболизмот на шеќерите и на мастите, а исто така се гледа и функцијата на тироидната (штитната) жлезда. Потоа следи мерење и анализа на составот на човечкото тело. Во зависност од лабораториските наоди и составот на телото се одредуваат суплементи од страна на лекар специјалист. Препишаните препарати се на природна база. Вториот дел од прегледот го извршуваат сертифицирани нутриционисти. Тие го прават тестот на интолеранција на храна на повеќе од 250 намирници по бескрвен пат и потоа пациентот добива персонализиран план за исхрана.

Дозволени ли се меѓуоброци?

– За времетраењето на рестриктивниот период, не се дозволени. Но понатаму, хроно режимот на исхрана дозволува десерт, овошје, меѓу 16 и 18 часот. Десертот е предвиден за попладневните часови бидејќи лачењето на инсулинот во човечкиот организам е тогаш помало. Во хроно исхраната како меѓу оброци дозволени се јаткасти плодови и најдобро е ако се сирови во количина од една шака.

Дали треба да бидеме потполно здрави да го спроведуваме овој начин на исхрана?

– Хроно исхраната, како што се вели, е за луѓе од 7 до 77 години. Неа може да ја практикуваат и мали деца и возрасни, здрави, но и оние кои имаат дијабетес, метаболен синдром, хипертензија, зголемени масти и шеќер… Исто така може да ја применуваат спортисти, бремени жени, а може да се спроведува и на работното место, на училиште, на годишен одмор.

Има ли нус појави?

– Некои сериозни нус појави нема. Ние ги следиме пациентите, им правиме чести контроли, гледаме каков е липидниот статус, дали крвната слика е ослабена или не, каков им е шеќерот… Од нус појави може да се појави само блага опстипација-запек, и тоа на почетокот. Понекогаш може незначително да се покачи ацетонот поради ослободување на кетонските тела, што настанува при топење на мастите, но тоа се решава со зголемен внес на течности.

Како режим на исхрана, дали се препорачува за луѓе кои не сакаат да слабеат, луѓе кои имаат соодветна висина и тежина?

– Секако дека има и такви пациенти кои сакаат да водат здрав живот. Хроно исхраната не е лимитирана само за слабеење. Особено е добра за луѓето што имаат дијабетес, висок крвен притисок, покачени триглицериди. Абдоменалниот тип на дебелина, централен тип на гојност, претставува зголемен ризик за развивање на дијабетес и хипертензија, дури соодносот на обемот на стомакот и колковите е побитен отколку индексот на телесна маса. Инаку, постојат и протоколи за слаби луѓе односно оние кои сакаат да ја зголемат својата телесна тежина.

Дали може сами да ја спроведуваме хроно исхраната?

– Може, меѓутоа, за подобри резултати на почетокот потребно е хроно исхраната да биде спроведена под водство на стручен тим од лекари специјалисти и нутриционисти. Тоа е потребно заради интолеранциите на храна, како и следењето на крвната слика и функцијата на поедини органи.

Имате ли податок колку луѓе со потреба за хроно исхрана поминале од вашата ординација и каков е успехот?

– Не знам точно, но секако се неколку илјади. Имаме многу добар успех, а ќе ви кажам и еден пример. Од една приватна клиника, нашите колеги ни испратија нивен пациент со вграден стент во срцето и беше екстремно дебел и дијабетичар. Тој за неколку месеци ослабе 23 килограми, а неговиот ендокринолог му го намали инсулинот за петнаесет единици.

Дали вие и вашто семејство практикувате хроно исхрана?

– Апсолутно. Мојата сопруга веќе четврта година прави хроно леб, вистински мајстор е за тој леб! Целото семејство, вклучително сопругата и децата, денот го почнуваме со чаша млака вода со лимон. По половина час следува појадок, а кафето следува потоа. Значи, хроно исхраната ние веќе петта година ја практикуваме.

Хроно исхраната е идеална за трудници

Резултатите од хроно исхраната се „две во едно“