,

Родителството се учи

Секој родител понекогаш се соочува со предизвиците на родителството.  Честопати родителите се наоѓаат во ситуација да не знаат како да постапат со своите најмили. Збунети се од мноштвото на информации, книги, сугестии, совети за позитивно и ефективно родителство, па се обидуваат на различни начини да се справат со предизвиците на современето родителство.

Некогаш родителите се повикуваат на однесувањето на нивните родители кога тие биле деца. Воедно стресот на секојдневното живеење, работните, домашните, семејните обврски, барањата од институциите (градинките, училиштата, едукативните центри, нивните работни позиции), дополнително може да влијаат на односот родител – дете.

Во ваквиот сплет на влијанија родителите развиваат и голем број вештини и нови квалитети во однос на емоционалната грижа и вопситувањето на децата. Ваквите квалитети често успеваат, но некогаш може да не бидат доволно ефикасни. Ваквите ситуации влијаат на семејството и го зголемуваат стресот и кај родителите и кај децата.

Алтернатива Институт за брак, семејство и системска пракса

На пример ако веќе сте пробале различни начини на справување, а вашето дете сѐуште пројавува некои од следниве знаци:

Емоционални знаци

Детето е молчеливо, тешко започнува кумуникација со други лица и врсници, често се повлекува, плачливо е, реагира со интензивни емоции на секое оделување од родителите и домот, пројавува знаци на страв и несигурност многу повеќе за разлика од неговите врсници, пројавува намален или зголемен апетит, спие немирно и се буди во тек на ноќта, пројавува вознемиреност од одредени соништа, мокри во кревет и слично.

Бихевиорални знаци

Не ги извршува барањата на возрасните, инаетливо е, непримерно е во домот, училиштето. Ги задева постојано другите деца, а тоа не е дел од играта (другите деца не се чувствуваат пријатно), пројавува знаци на агресивност (кубење, штипење, удирање, гребење, касање, клоцање,) кон другите деца, браќата/сестрите, возрасните. Покажува знаци на агресивност кон животни и предмети (оштетување на предмети; кршење, кинење, гребење, чкртање). Реагира со интензивни емоции и однесување доколку не се исполни некое негово барање; купување на играчка, дозвола да излезе надвор и слично. Прави работи за кои знае дека не му се дозволени; бегање од дома, не враќање на време од училиште, крадење и слично.

Иако сите овие активности можат да бидат дел од детството, нивното пројавување со засилен интензитет и зачестеност, можеби е знак дека треба нешто поразлично да се практикува во однос на децата.

Културолошкиот и општествениот контекст зборува дека родителството е спонтана дејност и секој родител е биолошки, емоционално и когнитивно подготвен да се справи со мноштвото ситуации кои ги бара родителството. Но она што психологијата и другите науки го застапуваат е дека ние постојано учиме, никој не е спонтано подготвен за различни животни ситуации, така и РОДИТЕЛСТВОТО СЕ УЧИ!!!

Програмата Родителство за целоживотно здравје за родители на мали деца претставува партнерство меѓу Светската Здравствена Организација, УНИЦЕФ, Универзитетите Бангор, Кејп Таун и Оксфорд, како и oрганизацијата Кловнови без граници  – Јужна Африка и се изведува во соработка со „Институт за брак, семејство и системска пракса АЛТЕРНАТИВА“

Како што и самото име кажува, програмата помага, низ особено практични примери и вежби, за кратко време (1-2 месеци) да се стекнат родителски вештини и за родителите и за децата кои ќе ги следат цел живот.

Целта на програмате е среќни и грижливи семејства

Важна цел на програмата е да се зголеми позитивното однесување на родителите:

  • Зголемување на родителските знаења, вештини и чувството на компетентност.
  • Подобрување на родителскиот надзор врз децата.
  • Намалување на недоследната и сурова дисциплина.
  • Подобрување на однесувањето на децата и нивната благосостојба.
  • Подобрување на менталното здравје и социјалната поддршка на родителите/старателите.
  • Подобрување на знаењето и користењето на социјалните услуги во случај на насилство од интимниот партнер, семејна болест во нивните семејства.
  • Подобрување на вклученоста во училиште и учењето во раното детство.

Низ самите работилници родителите/ старателите учат:

  • Како да се вклучат во активностите со своите деца, токму во соодветната фаза на нивниот развој (специфични за секое дете).
  • Важноста на пофалбите и играта иницирана и водена од детето  за развојот на негувачките односи.
  • Како  да се утврдат јасни граници, домашни правила и соодветни форми на надгледување.
  • Учат алтернативни начини за справување со предизвикувачкото однесување на децата.
  • Учат како да се грижат за себе, преку самовредување и како да се ослободуваат од стресот.

Програмата е спроведувана во Јужна Африка, а нејзините адаптирани верзии се имплементирани во Демократска Република Конго, Кенија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Филипини, Романија, Јужна Африка, Јужен Судан, Тајланд и Уганда и други. Програмата е создадена заеднички со семејства од целиот свет. Во сите земји, вклучително и во Македонија дава извонредни резултати.

Кога родителите поминуваат повеќе време  во градење позитивни односи со нивните деца, тие најчесто поминуваат многу малку време во справување со проблематичното однесување.

Колку повеќе родителите поминуваат време во играње и пофалби со своите деца, толку помалку нивните деца ќе се однесуваат лошо и ќе бараат внимание преку негативно однесување. Овие вештини резултираат со помал стрес за родителите, бидејќи и родителите  и децата ќе се чуствуваат поддржани и сакани.

Низ овој сет на колаборативни и интерактивни работилници за кратко време, родителите се уверуваат и ја потврдуваат својата ефикасност и успешност како родители, дополнително се мотивираат од промените кои им помагаат во градењето на позитивна слика за себе си. Се чувствуваат вредно, моќно, успешно, спокојно. Ваквата ситуација влијае на уверувањето дека промените можат да се случат и зависат од нас, воедно промените кај децата дополнително ги мотивираат и родителите и самите деца. Децата се чувствуваат сакано и згрижено а истовремено учат дека одредени однесувања носат одредени последици, а тие може да изберат и да влијаат на својот живот. Промените во семејството се случуваат без сурово казнување, без висок стрес, со повеќе внимание и грижа.

Работилниците се бесплатни

Работилниците ќе се одвиваат еднаш неделно во траење од 2 часа, во период од 1-2 месеци.

Родителите ќе добијат материјали кои ќе им помагаат за спроведувањето на активностите.

Најредовните ќе бидат наградени и ќе има и други изненадувања за семејствата.

Доколку сте заинтересирани приклучете се!

Заеднички за децата да изградиме куќа на љубов, сигурност, подршка и дисциплина.

Гаврилоска Вида
Психолог, семеен и системски психотерапевт и тренер.
Фацилитатор за групни работилници за родителски вештини- „Родителство за целоживотно здравје“

Дознајте повеќе: 071948235 / 076457566

ДЕРМАРОЛЕР (МЕЗОРОЛЕР) ТЕРАПИЈА

Родителството се учи