, ,

Со историски резултати Мермерен Комбинат АД Прилеп пишува нова ера на успеси

Со историски резултати Мермерен Комбинат АД Прилеп пишува нова ера на успеси

Интервју со Јасна Ажиевска Петрушева, административен извршен директор и член на Одборот на директори на Мермерен Комбинат АД Прилеп, една од топ 10 жени менаџери за 2018 во кое говори за исклучително успешната 2018 година за Комбинатот, за карактеристиките на Сивец® кои го прават еден од топ 3 бели мермери во светот, како и за тоа дека иако жените во компанијата се малку на број, само 10 отсто, сепак, ги има на сите нивоа и во сите организациони единици

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е историски најдобриот резултат што годинава го оствари Мермерен Комбинат АД Прилеп. За какви резултати станува збор и на што се должат постигнатите рекорди?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Гордост е да се биде дел од тимот што постигнува резултати што ќе бидат запишани како почеток на една нова ера на нови успеси на компанијата. Имено, 2018 година ја започнавме со нова организациска поставеност, со подмладен локален менаџмент, искусен во својата област, мотивиран, со колеги во кои препознавме ентузијазам во работењето, желба за докажување на сопствените потенцијали, но сите со една заедничка мисија во насока на обезбедување врвни резултати на нашите инвеститори и клиенти. Ова, комбинирано со визијата и со пазарната поставеност и препознатливост на новиот сопственик на Мермерен Комбинат, компанијата PAVLIDIS MARBLE-GRANITE од Драма, Грција, направи да постигнеме резултати што покажуваат повеќе од двојно зголемување на добивката во споредба со истиот период минатата година (во која, мора да нагласам дека во согласност со информациите од Централниот регистар за работењето во 2017 година, Мермерен Комбинат АД Прилеп го зазеде 13. место на ранг-листата на 200 најуспешни компании во Република Македонија). Во согласност со објавените финансиски податоци за котираните друштва на Македонската берза, од котираните 101 компанија оваа година Мермерен Комбинат досега е најуспешна од индустриските компании и се наоѓа на петто место по остварена добивка, веднаш зад банкарскиот сектор што ги зазема првите три места и услужниот сектор со телекомуникациите.

Мермерен Комбинат е приближно 100 отсто извозно ориентирана компанија со извоз во Кина, Грција, Италија, Франција, Турција, САД, Виетнам и минатата година се рангираше на 17. место меѓу топ 100 извозници од Македонија, а оваа 2018 година очекуваме уште подобри позиционирања на сите веќе споменати листи.
Секако, сите овие успеси се должат и на континуираните инвестиции што ги правиме со години наназад, не само во машини и во опрема туку и во обука на вработените и во постојано надградување и усовршување преку Интегриран менаџмент систем за стандардите ISO 9001:2015 / ISO 14001:2015 / ISO 45001:2018.

МАРИЛИ: Колку познавањето на овој специфичен бизнис за производство и трговија со мермер, што PAVLIDIS MARBLE-GRANITE го има како долгогодишна семејна традиција, придонесе за вакви резултати на Мермерен Комбинат?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Бизнис-моделот, кој беше поставен со промената на сопственичката структура во Мермерен Комбинат по доаѓањето на PAVLIDIS MARBLE-GRANITE во септември 2017 година, уште повеќе го етаблираше и го зајакна функционирањето на Мермерен како посебен бизнис-ентитет. Сепак, од исклучителна важност за постигнувањето на вакви резултати се синергииите што се воспоставија со PAVLIDIS MARBLE-GRANITE, која е еден од главните производители на бел мермер на светскиот пазар, благодарејќи на постојаниот пионерски дух и стабилната визија на нејзиниот основач. Денес, целата организациска структура во компанијата, од раководството до директните вработени што придонесуваат за компанијата преку суштинско познавање на материјалите и континуирано истражување на нови наоѓалишта и пазари; обезбедување и правилна употреба на state-of-the-art технологијата и оптимизација на сите процеси сертифицирани според ISO 9001: 2008, а притоа со посебен акцент на безбедноста на работното место како приоритет број еден, останува посветена на заедничката цел на компанијата за одржлив раст и развој, согласно со интересите на сите заинтересирани страни.
Со многубројните проекти низ светот, PAVLIDIS MARBLE-GRANITE претставува еден од најпрофесионалните избори во однос на преземањето и извршувањето на големи проекти со високи стандарди за квалитет и со апсолутно почитување на пропишаните временски рокови.

МАРИЛИ: Сивец®/ Sivec® е регистрирана трговска марка на Мермерен Комбинат АД Прилеп. Што значи да се има регистрирано една ваква трговска марка на пазарот и кои се најпознатите градби во кои е вграден Вашиот Сивец®?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Мермерен Комбинат е носител на трговската марка Сивец®, регистрирана и општо позната за единствено означување на нашите производи и за разликување на нашите производи од оние на другите субјекти на територијата на Република Македонија и интернационално преку Светската организација за интелектуална сопственост WIPO. Да се биде носител на светски препознатлива трговска марка, пред сѐ, значи одржување на квалитетот на производот што ги задоволува специфичните очекувањата на нашите пребирливи клиенти, како и континуирано следење и подобрување на Системот за управување со квалитетот, преку јасно дефинирани планови, мерливи цели и соодветна организациска структура. Нашиот Сивец® со својата чистота и белина е луксузен материјал, позициониран, според наше мислење во топ 3 бели мермери во светот. Сивец® е респектиран од многу познати архитекти и изведувачи и тој е избран да го даде карактеристичниот и ексклузивно бел изглед на многу големи и добро познати проекти – безвремени уметнички дела, секое со единствена убавина и благороден изглед, како што е величествената Голема Џамија на Шеик Заед во Абу Даби, која е еден од најубавите религиозни објекти во светот, каде што Сивец® е употребен за надворешната фасада во количина од повеќе од 100.000 квадратни метри.

Исто така, нашиот Сивец® е употребен во изградбата на Црквата на Исус Христос Спасителот во Москва, на зградата на Сенатот во Узбекистан, на голем број луксузни станбени и хотелски објекти низ светот. Нашиот Сивец® е избран да биде поставен во луксузните продавници на брендот CHANEL низ Америка. Секако, за крај го оставив и последниот проект на кој Мермерен Комбинат работеше во изминативе две години, а тоа е дел од трговскиот центар што се гради во Катар, кој е во состав на грандиозниот и монументален проект Place Vendôme, кој се подготвува во пресрет на Светското првенство во фудбал во 2022 година.

МАРИЛИ: Мермерен Комбинат е општествено одговорна компанија што издвојува значителни средства за помош во различни области. Каде помагате како компанија?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Помагаме таму каде што препознаваме добра идеја, сакаме да бидеме дел или носители на настан што остава белег, кој придонесува за развој на нешто големо, нешто што ќе значи развој и придобивка за општината, културата, уметноста, спортот, поддршка на младите, за подобрување на условите во образованието, а сѐ тоа во насока на остварување на подобри услови во заедницата во која работиме и во која директно придонесуваме. Ова е наша колективна заложба и посебно сум горда и задоволна што можам да ја препознаам оваа карактеристика кај голем дел од семејството на Мермерен. Сепак, не би наведувала поединечни проекти бидејќи нашето мото е „твојата лева рака да не знае што дала десната“.

МАРИЛИ: Скулпторскиот симпозиум „МЕРМЕР“ во Прилеп, кој минатата година одбележа 55-годишен јубилеј, растел и се развивал благодарејќи на производството на квалитетен мермер од Вашата компанија. Колку ја подобривте оваа соработка и поддршка на Мермерната колонија во последниве години?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Ако појдеме од фактот дека Мермерен Комбинат го произведува Сивец® уште од 1946 година и до пред неколку години беше единствена компанија во нашата држава што се занимаваше со производство на бел мермер воопшто, очекувано е да постои силна врска за развојот и на самиот Симпозиум. Денес, кога зад Интернационалниот скулпторски симпозиум се бројат 55 години, тоа зборува за успешноста на организацијата, за која не е доволна само поддршката што ние ја даваме како компанија, туку бара целосна посветеност и ангажираност од организаторите. Многу сум задоволна што идеите за ваквата колонија сѐ уште постојат и се развиваат преку прекрасни млади и талентирани луѓе. Мермерен Комбинат отсекогаш бил и ќе остане да биде поддржувач и партнер на овој Симпозиум. Ние сме горди што нашиот мермер, во комбинација со неверојатно талентираните уметници, дава прекрасни уметнички дела што засекогаш ќе останат зад нас за да сведочат за едни времиња.

МАРИЛИ: Вие сте извршен директор во компанијата. Колку долго сте во менаџментот и што значи да се биде на ваква сложена позиција, на одговорна функција како жена, со оглед дека во Мермерен Комбинат работат само 10 отсто жени и овој бизнис сѐ уште се третира како машки?

АЖИЕВСКА ПЕТРУШЕВА: Тоа што само 10 отсто од вработените се жени, всушност, овој бизнис не го прави машки. Иако се малку на број, сепак, жените во компанијата ги има на сите нивоа и во сите организациони единици. Разбирливо, жените повеќе се застапени во административните сектори, но мора да нагласам дека имаме и жени што се рударски инженери и тие се вклучени во планирањето, организирањето и во производството во рудникот, како и жени што директно се вклучени во процесот на производство и работат на машините во фабриката. Иако се навидум малку на број, жените во Мермерен се инспирација и мотивација за организацијата.

Мојот работен однос во Мермерен започна во 2009 година и оттогаш сум на различни раководни функции, а веќе петта година сум на позицијата административен извршен директор и член на Одборот на директори на Мермерен. Мора да нагласам дека ова што го имам постигнато до сега, покрај на мојот труд и амбиција, се должи и на поддршката што ја имам од моите колеги на сите нивоа во организацијата, како и на поддршката од сопствениците затоа што тие во мене препознаа доверлив и исполнителен професионалец. А да се биде успешен на одговорна функција, без разлика дали си жена или маж, значи да се биде посветен, подготвен на одредени откажувања во животот, значи да се биде фокусиран, насочен кон резултати, проактивен, самокритичен, да се биде слушател, поддржувач, мотиватор, подучувач, да се биде подготвен на промени, да се знае како да се справува со неуспесите и како да се споделуваат успесите. Успешните менаџери не го носат успехот сами, успешни се оние менаџери што знаат да ги препознаат талентите на луѓето и најдобро да ги ослободат нивните потенцијали. Во срцето на една успешна компанија се успешните вработени со чувство на припадност кон компанијата.

Свежина во архитектурата и дизајнот

Со историски резултати Мермерен Комбинат АД Прилеп пишува нова ера на успеси