Грижата за оралната хигиена во текот на бременоста е неизбежна за мајката, поради тоа што оралното здравје на мајката може да има влијание врз здравјето на детето.
Жените кои планираат да имаат дете пожелно е пред да забременат да посетат стоматолог со цел да санираат се што е потребно и да се информираат за правилно одржување на орална хигиена за време на бременоста. На овој начин ќе ги сочувате вашите заби и ќе ги избегнете несаканите компликации за време на бременоста.
Кои се најчестите стоматолошки проблеми за време на бременоста?
Најголем проблем во текот на бременоста се дефинитивно непцата, а овој проблем е предизвикан поради промена на нивото на половите хормони ( естроген и прогестерон ) кои како резултат доведуваат до зголемена чувствителност на гингивата. Најчестиот проблем кој се јавува кај повеќето трудници е воспаление на непцата ( гингивитис ) кој се манфестира со оток и крварење на непцата, претежно во текот на четкањето. Најчесто се јавува во второто тромесечје од бременоста. Парадонтопатијата се јавува доколку гингивитисот не се третира соодветно. Оваа болест треба да се сфати сериозно, бидејќи ги уништува виличните коски и на крајот доведува до губење на забите и последици на бебето.
Дали стоматолошките проблеми влијаат на плодот?
Пародонталната болест може да доведе до раѓање на бебето со мала родилна тежина или до предвремено пораѓање. Поради тоа потребно е да се оди на редовни контроли и да се пријави било каков проблем. И инфекциите на непцата се многу опасни бидејќи можат да се прошират на целиот организам и да доведат до компликации, па дури и спонтан абортус.
Дали се дозволени стоматолошки интервенции за време на бременоста?
Реално, веќе бремените жени не ни посетуваат стоматолог во текот на бременоста поради предрасудите дека денталните интервенции можат да му наштетат на плодот.
Напротив, тие посетуваат стоматолог само ако се работи за некоја акутна или итна состојба што е голема грешка!
Се препорачуваат барем две посети на стоматолог за време на бременоста, каде што е обавезно да нагласите дека сте бремена. Доколку дојде до болка на забот и непцата, крварење и оток на непцата или сличен проблем, треба да го информирате стоматологот во најкраток можен рок. Денталните интервенции најдобро е да се извршат во второто тромесечје во периодот помеѓу 14-20-тата недела кој претставува и најбезбедниот период, но се разбира зависно од околностите може и порано и подоцна.