Друштвото за управување со отпад Нула Отпад со проектот “Еколошка едукативна кампања Караван на супер-еко херои” добитник на признание од Министерството за економија и координативното тело за Општествена одговорност на претпријатијата за успешно спроведена општествено одговорна практика во 2023 година.
“Формирање индивидуи со изградени еколошки ставови и култура од најмала возраст несомнено води кон унапредување на животната средина и општеството во целина. Краткорочни решенија и резултати во подигнување на јавната свест за заштита на животната средина нема. За таа цел и едукативната програма ја замисливме како караван кој постојано ќе врви и едуцира,ќе се надополнува и развива” – изјави управителот на Нула Отпад ДОО, г-дин Марјанчо Дамески.
Во намерата да се вклучат децата во едукација за еколошка свест, и да се одржат ангажирани, важно е да бидеме сигурни дека едукативните активности им се забавни за учество.
За таа цел тимот на Нула Отпад дојде до идеја да се направи една креативна и комплетна програма која освен едукација ќе иницира и активности за собирање, селекција, рециклирање и реупотреба на овој вид на отпад.
“Во овие едукативни работилници на “супер херои“, ја будиме вистинската моќ на малите – големи луѓе, нивната креативност, фантазија и нивната замисла за поубав и почист свет. Ефектите ги гледаме веднаш по направените едукации, децата се наши еко амбасадори кои наученото го пренесуваат дома,” – изјави Билјана Костадинова од Нула Отпад, креатор и реализатор на едукативната програма.
Едукативната програма се реализира во соработка со општините во државата и во одлична соработка со посветениот педагошки персонал во градинките и училиштата кои постојано ја интегрираат екологијата во своите тематски планирања и се партнер на Нула Отпад во едукативните активности за примарна селекција на електронскиот отпад и отпадните батерии.