Пријатната микроклима во просториите во кои престојуваме е основен предуслов за во нив да се чувствуваме удобно. Покрај удобството, микроклимата има огромно влијание и врз нашето здравје и продуктивност. За квалитетен и здрав живот и добри услови за работа, во летната сезона во затворени простории е препорачана температура од 27 степени целзиусови и влажност на воздухот од 50%. Овие параметри се европски пропишани, поставени со цел да се обезбеди квалитетна средина во која се престојува.
За жал живееме на географски простор каде летата се исклучително жешки, а глобалните климатски промени дополнително ја влошуваат состојбата. Од друга страна имаме долгорочен тренд на пораст на цената на електричната енергија и трошоците за разладување. Комбинацијата на овие два фактори упатува на избор на економични решенија за климатизација во текот на летните месеци. Но како да се постигне пријатна и стабилна клима во домот и во работните простории, кога надвор температурите често надминуваат и 40 степени целзиусови, а притоа сметките за електрична енергија сепак да останат во разумни рамки?
За среќа современата технологија ни нуди одлични решенија. Инвертер клима уредите последните години се исклучително популарни, а пазарот го освоија со својата практичност и пред сè штедливост. Заштедата се остварува преку регулацијата на бројот на вртежи на компресорот со што се постигнува максимална снага и мала потрошувачка на енергија. Заштедата во потрошувачката на струја во однос на користење на обичен клима уред е импресивна и изнесува околу 30-40%. Со тоа, иако инвертер клима уредот е поскап за 20-30% во однос на обичните клима уреди, инвестицијата е исплатлива дури и на краток рок. Доколку вашиот инвертер го користите само за разладување, односно само во текот на летните месеци, поголемата почетна инвестиција ќе биде вратена за нецели 4 години, а сè понатака ќе биде чиста заштеда. Со интелигентни хибридни инвертери може да се оствари дури и дополнително намалување на потрошувашката на енергија.
Инвертер клима уредите имаат и редица други предности. Регулацијата на бројот на вртежи на компресорот овозможува саканата температура во просторијата да се постигне многу брзо, а температурни флуктуации потоа речиси и да нема (се движат во опсег од само +/- 0,5 степени целзиусови), што е предуслов за да се чувствуваме пријатно. Ваквиот начин на работа значи и многу потивка операција на уредот додека ја одржува посакуваната температура.
И секако, инвертерите се особено популарни поради можноста да се користат и во зима, за загревање. За разлика од од обичните клима уреди, тие можат да работат на исклучително ниски надворешни температури. Без проблем работат кога температурите ќе паднат до -15 степени целзиусови, а можат да се најдат модели што функционираат и до -30 степени целзиусови. Со својата ниска потрошувачка на енергија, инвертерите станаа најсериозни решенија за греење на струја. Доколку инвертер клима уред се користи и за ладење и за греење, односно преку целата година, поголемата почетна инвестиција во однос на обичните климатизери може да биде вратена и за само една година.
При купување на клима уред особено е важно да се внимава дали тој според моќноста одговара за просторијата за која е наменет. Доколку купите климатизер со помала моќност тој ќе работи многу повеќе време и ќе троши струја, а сепак нема да може да ја постигне оптималната температура. Поголем климатизер отколку што е потребно значи само повеќе потрошени пари, а нема да донесе никакви придобивки. Освен изборот на клима уред, од голема важност е и изборот на локација за надворешната единица. Доколку има простор, таа треба да се постави на место каде има поголема сенка, но исто така треба да ѝ се обезбеди доволно „луфта“, за да може топлиот воздух поефикасно да го исфрли, а со тоа и поекономично да работи. За поздрав дом, изберете модел на климатизер кој интегрира некоја од современите технологии за одржување на квалитетот на воздухот. Титаниум-апатит фотокалитичкиот филтер го прочистува воздухот што циркулира низ уредот и ги отстранува микроскопските честички, разградува мириси и помага да се спречи ширењето на бактерии и други микроорганизми.
Одлична опција за економично разладување на просториите во кои престојуваме се и топлинските пумпи. Се делат во неколку категории и се произведуваат во најразлични варијанти и конфигурации, што ги прави прилагодливи во секакви објекти и во секакви услови. Заедничка особина им е тоа што сите се исклучително штедливи, тивки во својот работен режим, а трошоците за одржување се исто така ниски. Како и инвертер клима уредите, топлинските пумпи се сеопфатно решение за климатизација кое опфаќа и ладење и греење, во зависност од сезоната.
Особено интересни за наши услови се топлинските пумпи воздух-вода. Вакво решение се користи најчесто во објекти кои имаат систем со топлински проток на вода (систем на парно греење или подно греење). Голема предност на овие топлински пумпи е тоа што се погодни за затоплување на санитарна вода за бањи, кујни и слично. Тие трошат 3 до 4 пати помалку електрична енергија во споредба со конвенционалните електрични бојлери кои се во масовна употреба.
Размислувајте долгорочно, постигнетете ја посакуваната удобност во домот, намалете ги сметките.