, , ,

Што е всушност здрава исхрана?

Секојдневно и насекаде се појавуваат пораки, блогови, книги, написи и рекламни пораки поврзани со исхраната. Овие широко и лесно достапни информации што се базираат на одредени студии и трендови во исхраната може, но и не мора да се точни. Посебно внимание треба да се обрне на изнесените тврдења на паковките од разните подготовки за нивниот чудесен состав и дотогаш незабележан ефект врз благосостојбата на телото: здраво за срцето и циркулаторниот систем, природно, полно со витамини и антиоксиданси, го подига имунитетот, подмладува и слично. За волја на вистината, реалноста е најчесто поинаква. И кога сето ова ќе се подигне на повисоко ниво со изјавите во медиумите од страна на познати и славни личности за позитивните и волшебни ефекти на одреден продукт, тогаш аудиториумот е убеден дека е тоа навистина така. Вака спакувани информации, дополнети со совети за брзи решенија на одредени проблеми коишто често потекнуваат од сомнителни извори, се распространуваат континуирано преку интернет и на социјалните мрежи.

Ако сето ова ве збунува, верувајте дека не сте единствени. Ударните наслови во медиумите, мноштвото книги за исхрана во кои се изнесуваат една по друга теории, при што често се рекламира сè и сешто, даваат впечаток дека ставовите и погледите за здравата исхрана се менуваат многу често. Во ова мноштво на конфликтни информации, кои најчесто се базираат на податоци извадени од контекст поради помодарство, маркетинг и желба за брза заработка, научно докажаните факти тешко испливуваат на површина.

Вистината е сосема поинаква. Базирано на повеќедецениски истражувања, расте согласноста за тоа како треба да изгледа здравиот начин на исхрана и што всушност претставува тоа. Основниот практичен заклучок од овие истражувања е дека здравиот начин на исхрана не е воопшто комплициран. Здравата исхрана се темели на два основни принципа: количество продукти соодветни на дневните енергетски потреби и правилен сооднос на макронутриентите во нив. Од квалитативна гледна точка кругот на исхраната во текот на денот треба да се создава во флексибилен сооднос на макронутриентите: 40-60% јаглехидрати, 25-35% масти и 15-25% белковини. Извор на јаглехидрати треба да бидат зеленчукот, житарките и овошјето. ⅔ од мастите треба да се од растително потекло, а белковините треба да потекнуваат главно од млекото и млечните продукти, рибата, морската храна и месото од живина без кожа. Црвеното месо треба да биде умерено застапено, до 550 g неделно, додека месните преработки треба да се избегнуваат до максимум.

И на крајот, зошто е сето ова важно? Затоа што истражувањата покажале дека правилниот квантитативен и квалитативен состав на продуктите во процесот на исхраната обезбедува добро здравје и квалитетна долговечност.

Слабокрвност (Анемија). Кои се симптомите?

Што е всушност здрава исхрана?