Хипертензијата може да предизвика сериозни проблеми, доколку не се третира правилно и навремено!
Што значи хипертензија?
Крвниот притисок е „силата“ поради која крвта континуирано се движи низ крвните садови. Тој зависи од волуменот на крв што срцето го пумпа во минута и периферниот васкуларен отпор на кој крвта наидува при движење низ крвните садови. Зголемен крвен притисок всушност значи артериска хипертензија.
Висок крвен притисок се смета притисок на крвта кој е над или еднаков на 130/80 mmHg според Американските препораки односно над 140/85 mmHg според Европските препораки, добиен по неколку мерења во тек на неколку дена или недели.
Видови хипертензија:
- примарна (која се јавува заради разни влијанија од околината и некои генетски предиспозиции; таа е околу 90-95% застапена кај популацијата) и
- секундарна (која се јавува заради некое органско оштетување и се знае причинителот: од срце – кардиолошка, од бубрези – нефролошка, ендокринолошка или невролошка природа).
Причини за појава на примарна и секундарна хипертензија
Постојат голем број на различни фактори кои се преплетуваат во етиологијата и патогенезата на есенцијалната артериска хипертензија.
Најчесто станува збор за:
- Зголемен внес на сол.
Храната која содржи поголемо количество на натриум предизвикува задршка на течности, а со тоа и покачување на крвниот притисок.
- Дебелина.
Колку е поголема вашата телесна тежина, толку е поголема потребата од крв за да се обезбеди доволна количина на кислород и нутритивни материи за ткивата. Поради зголемениот крвен волумен што циркулира низ крвните садови, настанува зголемување на притисокот.
- Генетски фактор.
Доколку имате позитивна фамилијарна анамнеза, односно некој член во вашето семејство страда од висок крвен притисок, тогаш ризикот за да добиете артериска хипертензија е поголем.
- Намалена физичка активност.
Физичката инактивност го зголемува ризикот за појава на покачен крвен притисок и зголемена телесна тежина.
- Стрес.
Стресните ситуации може да доведат до привремено, но драматично зголемување на крвниот притисок. Доколку сте во стресна ситуација и се обидувате да се релаксирате со помош на цигари, прекумерно консумирање на храна или алкохол, со тоа само дополнително ја влошувате состојбата и негативно влијаете врз нивото на крвниот притисок.
- Возраст.
Ризикот за покачен крвен притисок се зголемува со возраста.
- Недостаток на витамин Д.
Сè уште не е докажано дали дефицитот на витаминот Д може да доведе до покачување на крвниот притисок, но со сигурност се знае дека овој витамин учествува во создавањето на ензим во бубрезите кој директно влијае врз нивото на крвниот притисок.
- Одредени хронични состојби.
Бубрежните заболувања, дијабетесот и високото ниво на холестерол го зголемуваат ризикот за појава на артериска хипертензија.
Секундарната хипертензија може да биде резултат од разни заболувања како: полицистична бубрежна болест, гломеруларни заболувања, компликации од дијабетес (дијабетична нефропатија), реноваскуларна хипертензија (стеснување на луменот на реналните артерии), Кушингов синдром, алдостеронизам, феохромоцитом, болести на тироидна жлезда, хиперпаратироидизам, коарктација на аорта, бременост и др.
Кои се симптомите за појава на висок крвен притисок?
Отежнато дишење при напор, главоболка, депресија, аngina pectoris односно градна болка, палпитации, губење на свеста, отежнато дишење при мирување, крварење од носот, прекумерно потење, брза промена на бојата на кожата на лицето, пореметување на сонот, утрински главоболки после будење, иритабилност, зуење во ушите…
Дијагноза
Со цел дијагностицирање на артериската хипертензија се применуваат одредени дијагностички процедури и постапки:
- Анамнеза,
- Физикален преглед.
Се прави целосен клинички преглед, а посебно внимание се посветува на мерењето на крвниот притисок, бидејќи голем број на хипертензитивни индивидуи особено на почетокот на болеста не манифестираат никакви симптоми.
- Лабораториски испитувања.
Овие испитувања имаат за цел да диференцираат дали станува збор за примарна или секундарна хипертензија, дали е присутно оштетување на целните органи и дали има други метаболни нарушувања. Најчесто во урината се испитува седимент, глукоза, протеини, а во крвта глукоза, уреа, креатинин, HDL и LDL холестерол, триглицериди, протеини, албумини, хематокрит.
По потреба се прават и дополнителни испитувања како ехосонографски преглед на бубрези и надбубрежни жлезди, преглед на очно дно, 24-часовно амбулантско мониторирање на крвниот притисок, ЕКГ, ехокардиографски преглед, Doppler на периферните крвни садови, на каротидните и реналните артерии.
Компликации кои можат да се појават предизвикани од висок крвен притисок:
- Артериосклероза,
- Аневризми,
- Кардиоваскуларни компликации,
- Церебрални компликации,
- Метаболен синдром,
- Проблем со меморијата и когнитивните функции
Хипертензија и COVID-19
Новиот коронавирус (COVID-19) ги напаѓа белите дробови, но основната состојба со која се најчесто поврзани најтешките исходи – се проблемите со срцето.
Иако точниот механизам не е потполно јасен, постојат извештаи во кои се забележуваат аритмии, хипотензии, тахикардии и акутна срцева слабост кај заразените од коронавирус, особено кај оние кај кои била потребна интензивна нега. Тоа се случува бидејќи срцето и белите дробови имаат голема поврзаност.
Во едно истражување во кое биле вклучени 150 пациенти од Вухан, епицентарот на епидемијата, откриено е дека тие пациенти имаат значително поголем ризик за смрт при заразата. Кај нив забележале забрзано нарушување на мускулите на срцето. Друго истражување покажало дека после седмиот ден од инфицираноста со коронавирусот, пациентите кои страдаат од хипертензија имале шест пати поголеми шанси да добијат срцев удар. Исто така постои шпекулација за безбедноста на АКЕ инхибиторите и АБР во однос на COVID-19, но нема научна основа и докази за поддршка на истата.
Препорака
Со оглед на тоа дека сме во средина на сезоната на вируси и актуелниот коронавирус, препорачуваме на кардиолошките болни лица да обезбедат доволно лекови и редовно да го регулираат крвниот притисок.
Редовни контроли и придржување на терапијата и препораките дадени од стручните лица исто така се од големо значење за одржување на оптимални вредности на крвниот притисок.
Совети и препораки од Д-р Агрон Палоши од One Hospital.