Со одредување на карактерот, местото и начинот на ширење, тежината и времетраењето, како и причината за настанувањето на градните болки, попрецизно се дефинираат и издвојуваат срцевите болки од други болки во градниот кош со различна етиологија. Срцевите болки може да бидат категоризирани како: срцево-ишемични (ангинозни – кога има затнување на крвните садови што го исхрануваат срцевиот мускул), перикардни (предизвикани од воспаление на срцевата кеса) и атипични градни болки.
Градните болки исто така може да потекнуваат од големите крвни садови, како и заболувања на органи лоцирани во стомакот (пр. камчиња во бубрезите, жолчното ќесе, воспаление на панкреасот, чир на желудник, заболувања на хранопроводот).
СРЦЕВО-ИШЕМИЧНА БОЛКА (АНГИНА ПЕКТОРИС) е опишана како стегање, тежина и притисок во пределот на градната коска со ширење кон долната вилица, рамењата и рацете, најчесто кон внатрешната страна на левото рамо и левата рака. Болката обично се манифестира при физички напрегања, возбуда, излегувања на студ, а може да биде проследена со препотувања, чувство на страв, слабост и мачнина. Обично трае неколку минути, а спонтано може да се намали или исчезне по прекинот на физичкото напрегање или по земањето на нитроглицерин под јазик. Ако болката е долготрајна (повеќе од половина час), а не се смирува при мирување и земање на нитроглицерин, упатува на инфаркт на срцевиот мускул.
ПЕРИКАРДНА БОЛКА предизвикана од воспаление на срцевата ќеса – перикардитис.
Локализирана е во пределот на градната коска, но со карактеристики кои ја разликуваат од ангина пекторис: се зголемува при длабоко вдишување, во лежечка положба, при голтање и кашлање, а се намалува во седечка положба. Покрај болката се јавуваат симптоми: покачена температура, треска и потење.
АТИПИЧНА ГРАДНА БОЛКА се манифестира со бодежи кои може да се шират по целиот граден кош и грбот во траење од неколку секунди, а понекогаш со часови и денови и е независна од физичко напрегање, возбуда, излегување на студ. Болката е непостојана, со променлив интензитет и промена на положбата на телото, многу често се јавува кај заболувања на мускулно – коскените структури и р’бетот, а понекогаш е со психолошка заднина.
ГРАДНА БОЛКА ОД РАСЦЕПУВАЊЕ НА АОРТАТА (дисекција) почнува нагло, со жестока болка како кинење во градите која се шири кон вратот, грбот, рацете и/или нозете. Крвниот притисок е немерлив, пулсациите на крвните садови се ослабени.
ГРАДНА БОЛКА ПРИ БЕЛОДРОБНА ЕМБОЛИЈА
Болката почнува нагло, со јак интензитет, проследена со гушење, забрзано дишење, срцебиење, пад на крвниот притисок, бледило, помодрување. Оток или болка во ногата – венска тромбоза, неодамнешен оперативен зафат или продолжено лежење во кревет заради болест или повреда со горе наведените симптоми најчесто може да упатува на белодробна емболија.
ГРАДНА БОЛКА ПРЕДИЗВИКАНА ОД СТОМАКОТ со пренесување и ширење кон градниот кош, често се јавува кај заболувања на хранопроводот, како што е хијаталната хернија, камчиња во жолчното ќесе и бубрезите, воспаление на панкреасот, улкусната болест итн.
Градната болка претставува предизвик за секој лекар. Со добро земена анамнеза и преглед може да се утврди причината за нејзино настанување, а заради понатамошен правилен и правовремен третман на болниот.
Заради различната и богата симптоматологија за разликување на градната болка, неопходен е преглед од лекар специјалист интернист и евентуално кардиолог.
Др. Горан Николов, специјалист интернист – кардиолог
Срце-Центар за внатрешни болести