, ,

Што претставува ПАП тест и зошто е битно рано откривање на Хламидија (Chlamydosis) – Поликлинички центар Манолеви

Ординацијата по гинекологија и акушерство во склоп на Поликлиничкиот центар Манолеви во основа на своите цели ја има промоцијата и унапредувањето на женското репродуктивно здравје. Потребата од зголемувањето на свеста за значајноста на дисциплината во гинеколошките прегледи кај жените во репродуктивен период, следењето на акушерските пациентки и превентивните прегледи кај останатата женска популација се примарен чекор во раното детектирање и успешниот третман на болестите на гениталните органи. Почнувајќи од најрана возраст, детектирање и следење на хормонални и метаболни промени, преку основни цитолошки испитувања, ХПВ типизација и колпоскопија како дел од методите за иследување и превенција на преканцерози и заболувања на грло на матка, фоликулометрија, гинеколошки ултразвук, преку преконцепциски советувања, следење на бременост, советување во тек на бременост, кардиотокографија, па се до грижата во периодот на постменопаузата и сениумот. Достапноста, доверливоста и стручноста на тимот, вклучително и најсовремената медицинска опрема, веруваме дека ќе придонесат да се подигне квалитетот и нивото на здравствената заштита, а пред се ќе придонесат да нашите пациенти се задоволни и успешно третирани.

Истата е модерна и технички опремена со современа медицинска апаратура, се со цел на своите пациенти да им овозможи најквалитетна здравствена грижа за женското репродуктивно здравје.

Во ординацијата по гинекологија и акушерство ви стојат на располагање следниве медицински услуги:

  • Здравствено советување
  • Планирање на бременост и заштита од несакана бременост
  • Комплетен гинеколошки преглед
  • Превентивни гинеколошки прегледи за рано откривање на промени на грло на матка (ПАП тест, ХПВ типизација, колпоскопија со целна биопсија и хистопатологија)
  • ЕХО дијагностика (колор доплер)
  • Детекција на рана бременост
  • Следење на нормална бременост
  • Следење на ризична бременост
  • Пренатална кардиотокографија (CTG)
  • Микробиолошки брисеви
  • Ултразвучна фоликулометрија
  • Индукција на овулација
  • Иследување и лекување на инфертилен пар

Што претставува ПАП тест и зошто и е потребен на една жена?

ПАП тестот или Папаниколау тест е безболна метода, која е лесна и едноставна за изведба, а притоа основна скрининг алатка за рана детекција на промените на грло на матка. Се состои од земање на примерок преку ексфолијација на површинските клетки на цервиксот, понатаму фиксација, боење на препаратите по методата на Papanicolaou и анализа од искусен цитолог, со цел детектирање на промени кои укажуваат на преканцерозни лезии, малигни промени, воспалителни процеси или инфекции.  Идеално, земањето на примерокот не треба да е кога жената има крварење (менструација). Пациентките треба да апстинираат од вагинален однос, да не користат вагинални тампони и интравагинален медикамент (вагиналета) или контрацептивен вагинален крем минимум 24-48ч претходно. Со цитолошко тестирање жената треба да започне веднаш штом ќе стане сексуално активна или на возраст од 21 година и се препорачува да се изведува на секои 3 години, ако пациентката е ниско-ризична и ХПВ негативна  и наодот е уреден континуирано. Доколку потои одредена абнормалност, интервалот се скративу на една година или почесто. Пациентки со висок ризик кај кои треба почесто тестирање се пациентките кои рано започнале со сексуални односи, имале голем број на партнери, имаат генитален херпес или се позитивни на високоризичните ХПВ типови 16, 18, 31, 33, 35 итн. Во зависност од наодот на ПАП тетсот следува соодветен третман или доиследување.

Зошто е важно рано откривање на Chlamydosis (Хламидија)

Clamydia trachomatis е облигаторен интрацелуларен микроорганизам. Таа е Грам негативна бактерија која живее во жива клетка домаќин. Инфекцијата со хламидија е најчестата бактериска сексуално пренослива болест. Дури 20% од сексуално активната женска популација некогаш во животот имала инфекција со хламидија. Истата е асимптоматска кај 50% од инфицираните мажи и дури кај 80-90% од жените. Кога има присутни симптоми, кај мажите најчесто предизвикува простатитис, епидидимитис и уретритис, а кај жените цервицитис и пелвична инфламаторна болест. Ризик фактори за инфекција со хламидија се возраст под 25 години, некористење на бариерна контрацепција, мултипли сексуални партнери, нов сексуален партнер и истовремено присуство на друга сексуално пренослива болест. Покрај сексуалниот пат на трансмисија, постои и вертикален пат на трансмисија, од мајка на плод. Симптоми кои се присутни кај маж со инфекција со хламидија се уретрален исцедок, ректален исцедок, унилатерална болка и оток на скротумот и треска. Кај жена пак, постои цервикална фрагилност пропратена со крварење при допир, мукопурулентен цервикален исцедок, интерменструално крварење, болна осетливост на цервиксот, дизурија, уринарна фрекфенција и ургентност при мокрење, болна осетливост во предел на аднексите и зголемени ингвинални лимфни јазли. Се третира со антибиотска терапија која задолжително ја примаат обата партнери. Оваа инфекција доколку не се третира навремено е една од водечките причини за инфертилитет кај жената, многу честа причина е и за појава на пелвична инфламаторна болест, носи зголемен ризик од појава на ектопиччна бременост, а исто така инфекцијата може да е причина за абортус и предвремено породување.

Доброволно приватно – здравствено осигурување од Триглав осигурување

Што претставува ПАП тест и зошто е битно рано откривање на Хламидија (Chlamydosis) – Поликлинички центар Манолеви