Расте бројот на пациентите во Македонија што имаат алергиски реакции, но многу покарактеристично е тоа што неспоредливо повеќе се открива интолеранција на храна. Пред се, поради тоа што овој тип на испитување е релативно поново од претходните, па не било користено во минатото како анализа која егзактно покажува што се случува во нашиот организам, а симптомите се припишувале најчесто на алергиски реакции или како „хроничен колит“, вели д-р Бранко Јагликовски, специјалист по медицинска биохемија во Авицена Лабораторија.
ШТО Е АЛЕРГИЈА, А ШТО Е ИНТОЛЕРАНЦИЈА НА ХРАНА? КАКВА Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ ОВИЕ ДВА ПОИМИ?
Алергијата претставува сложен имунолошки процес во човечкиот организам, што настанува како резултат на влијание на различни типови на супстанции (алергени) со кои веќе еднаш претходно организмот бил во контакт. Притоа следува цел низ на процеси – реакции на создавање на антитела од типот IgE како и разни типови на имунолошки комплекси, од што понатаму ќе зависи и начинот на кој ќе се манифестира целокупната реакција – како здравствен проблем.
Во зависност од супстанциите (алергените) што предизвикуваат вакви реакции а кои воглавно се поделени во неколку групи, од кои најчести се прехранбените производи (нутритивни), вдишувачките (инхалаторни), контактни супстанции, лекови и сл, – манифестирањето на проблемите (реакциите) ќе биде различно. Кај инхалаторните алергени – манифестациите ќе бидат претежно кај дишниот тракт, кај нутритивните – манифестациите ќе бидат претежно од органите за варење на храна но се манифестираат и како кожни промени и сл.
За разлика од алергиите, кај интолеранцијата на храна, процесот што се одвива во организмот е од сосема поинаков карактер и со сосема поинаков механизам. Процесот редовно започнува во цревната слузница, при што се создаваат антитела од типот IgG, како и имуни комплекси од поинаков тип отколку кај алергиите, а се карактеристични и кај воспалителните процеси. Всушност овде станува збор за низок степен на перзистентна хронична воспалителна реакција – се додека во организмот се внесува соодветен тип на храна – предизвикувач на проблемите.
Во секој случај симптомите што се појавуваат и при двете состојби може да бидат многу слични и не секогаш може јасно да се разликуваат, но разлики сепак постојат: алергиите се најчесто со акутен почеток додека интолеранцијата е побавна – со одложен и непрепознатлив почеток на манифестирање на проблемите, алергиите може да бидат предизвикани и од присуство на трагови од алергените додека кај интолерацијата е битна и количината на храната, кај алергиите има позитивни лабораториски алерготестови, а кај интолеранцијата се негативни и сл.
КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА ПОЈАВА НА ИНТОЛЕРАНЦИЈА НА ХРАНА? ДАЛИ СЕ ГЕНЕТСКИ ИЛИ ПАК СЕ ПОВРЗАНИ СО НАЧИНОТ НА ЖИВОТ?
Причините за појава на интолеранција на храна може да бидат различни – генетски, начинот на живеење и исхрана но и комбинирани.
Генетските причини се најчесто ензимопатии – т.е. генетски предизвикан недостаток на некој ензим за разложување на поедини состојки од храната (како што е лактоза, фруктоза и сл), што може различно да се манифестира во зависност од популациската припадност.
Многу почести причини се поврзани со начинот на живот и исхраната воопшто: инфекции (од различни предизвикувачи), стрес, лекови, хемиски додатоци во храната (адитиви, конзерванси, стабилизатори, бои, ароми…и сл).
КАКВИ ВИДОВИ ИНТОЛЕРАНИЈА НА ХРАНА ПОСТОЈАТ?
Поделбата на интолеранциите е воглавно според причинителите, но заедничко им е сличниот начин на манифестирање и истиот пристап при третманот.
КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ НА ИНТОЛЕРАНЦИЈА НА ХРАНА?
Најкарактеристични (но не и задолжително присутни) симптоми кај интолеранцијата на храна се честите течни или кашести столици, понекогаш запек, редовно чувство на подуеност и гасови, иритабилно црево, болки во стомакот…Поретки симптоми но за жал притоа ретко помислуваме на проблем со интолеранцијата на храна е присуството на чести главоболки па и мигренозни напади, болки во зглобовите, хронични кожни промени, атопичен дерматит, уртикарија, прекумерна тежина и сл.
ВО ШТО СЕ СОСТОИ ЛАБОРАТОРИСКОТО ИСПИТУВАЊЕ ЗА ИНТОЛЕРАНЦИЈА НА ХРАНА?
Токму поради шареноликоста а понекогаш и неспецифичноста на симптомите, кај нас многу често се случува воопшто да не се помислува на интолеранцијата на храна, додека во светската литература и пракса се повеќе е застапен ставот – пред да се проверат алергиски процеси или посложени состојби, првенствено да се провери постоење на интолеранција на храна, со оглед на секојдневното консумирање и составот.
Лабораториските тестови се повеќе се усовршуваат, побрзо може да се изработат, се повеќе се специфични и сензитивни (што зависи и од производителот) а сега засега се единствен начин за утврдување на состојбата.
Тестовите се изработуваат како и сите вообичаени лабораториски анализи од крв – а се состојат од одредување на концентрацијата на антителата од типот IgG но специфични за секој тип на храна – поединечно. Резултатот од анализата се формулира така – да биде разбирлив, во смисол за кој тип на храна колкава е концентрацијата на антителата и што значи тоа за организмот, со препорака кои чекори треба да се превземат и за колкав временски период.
ДАЛИ АКО ТЕСТОТ ПОКАЖЕ ДЕКА НАШЕТО ТЕЛО НЕ ТОЛЕРИРА НЕКОЈ ВИД ХРАНА, ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ТАА НАМИРНИЦА ТРЕБА ДА ЈА ЕЛИМИНИРАМЕ ОД ИСХРАНАТА ВООПШТО?
Доколку тестот покаже дека постои интолеранција на некоја храна – а најчесто е на неколку типови на храна, тогаш во зависност од концентрацијата на антителата се пристапува кон различни препораки. Онаму каде што постои прилично високо присуство на антитела, се препорачува воопшто изземање на соодветната храна од исхраната во траење од 8-12 седмици па по потреба до една година. Но тоа не значи дека мора доживотно да се исфрли тој тип на храна, туку по завршувањето на овој период, ќе може да се внесува постепено во исхраната – но со помали количини. Поретко е состојбата кога и по завршувањето на овој период перзистира интолеранцијата кон содветната храна, поради што се препорачува комплетно исклучување на истата.
При другите нивоа на присуство на антитела (умерено покачено) се препорачува користење на храната но во така наречен – ротациски систем: храната што ја консумираме денес, не ја консумираме наредните три дена, туку четвртиот и тн.
ШТО ПОКАЖУВА ИСКУСТВОTO, ДАЛИ СЕ ЗГОЛЕМУВА БРОЈОТ НА ПАЦИЕНТИ КОИ ИМААТ АЛЕРГИЈА И НА ОНИЕ КОИ СЕ ТЕСТИРААТ ЗА ИНТОЛЕРАНТНОСТ НА ХРАНА?
Неколкугодишното искуство се повеќе ни покажува дека има пораст и на алергиските реакции во нашата популација, но многу покарактеристично е тоа што неспоредливо повеќе се открива присуството на интолеранцијата на храна. Пред се поради тоа што овој тип на испитување е релативно понов од претходните, па не било користено во минатото како анализа која егзактно покажува што се случува во нашиот организам, симптомите се припишувале најчесто на алергиски реакции или како ‘’хроничен колит“ и сл.
За жал сеуште кај нас малку се знае дека се изработуваат вакви тестови, а делумно постои и недоверба – најчесто – повторно поради неинформираност или нестручен пристап, нереални резултати поради нестандардни тестови и сл, а причините за настанување на ваквата состојба се од ден на ден се поприсутни.