,

Примена на систем на армирана земја на регионален пат Скопје-Сончев град

Од 7-ми до 9-ти јуни во хотелот Александар Палас во Скопје се одржа 16-тата Подунавска Европска конференција за геотехничко инженерство во организација на Македонското друштво за геотехника. Повеќе од 250 научници–геотехничари и инженери меѓу кои и нашата компанија, имаа можност да разменат искуства, идеи и можности за полесно детектирање и менаџирање на опасностите и ризиците во случаи на катастрофи. Геинг се претстави со повеќе стручни трудови, од кои го издвојуваме проектот за Сончев Град.

Новопланираната елитна населба Сончев град е предвидвидена да се гради во близина на Скопје на јужните падини на планината Водно. Со цел да се обезбеди директна сообраќајна комуникација помеѓу Сончев град и градот Скопје анализирани се неколку варијанти за изградба на регионален пат. Со процесот на проектирање усвоена е најповолната траса за регионалниот пат притоа имајќи ги во предвид техничките и економски аспекти при избор на решението. При изработка на проектот за изградба на регионалниот пат беше јасно дека еден од најголемите предизвици кои треба да се совладаат со проектното решение се геотехничките услови кои владеат на предметната локација. Имено, трасата на патот минува низ планински терен кој условува изградба на патот со примена на високи засеци и насипи, потпорни конструкции и сл. Геотехничките услови на теренот се усложнети со присуството на раседи кои се регистрирани на одредени делови на трасата. Секако важно е да се напомене и тоа дека овие делови на Водно се наоѓаат во високо сеизмична зона која има значително влијание во однесувањето на инженерските објекти кои треба да бидат дел од регионалниот пат.

Од геоморфолошки аспект природниот терен на еден дел од трасата има денивелација од приближно 10 m. Причина за тоа се раседите кои минуваат на овој дел од теренот и ја пресекуваат трасата на новиот регионален пат. Раседната зона го дели теренот на две јасно издвоени геолошки формации. Појавата на раседи на овој дел од трасата дополнително го усложни изборот на инженерски објекти кои согласно проектот треба да се изведат, а се со цел да се изведе оваа делница од трасата во засек. Неколку варијанти беа анализирани и тоа изведба на мостовска конструкција, класичен земјан насип, систем армирана земја, армирано-бетонски конзолен потпорен ѕид и сл. Земајќи ги во предвид горенаведените факти за теренските и геотехнички услови како и економската исплатливост на решението усвоено да се изведе флексибилна потпорна конструкција од армирана земја со максимална висина од 21 m, што ја прави оваа конструкција една од највисоките од ваков тип на Балканот.

Ваквата конструкција е составена од “лице” од габиони кое е речиси вертикално односно со наклон од приближно 70o. Габионите се формирани од челични поцинкувани жици и се со димензии 2.0×1.0x0.5 m. Во продолжение на габионите поставени се мрежи за армирање на насипот кои се изработени од иститот материјал како и габионите т.е. од челични поцинкувани жици. Овие мрежи се вградуваат во насипот и се поставени на меѓусебно вертикално растојание од 0.5 m, а се со должина од 7 – 11 m. Јакоста на затегање на челичните жици од кои се изработуваат габионите и мрежата за армирање изнесува 50.0 kN/m. Со цел да се обезбеди дренирање на подтлото, на контактот помеѓу конструкцијата и матичното тло се поставува дренажен геокомпозит. Дренажниот геокомпозит во дното завршува со дренажна цевка преку која се одведуваат зафатените дренажни води.

Должината на целата конструкција изнесува 60 m, со максимална височина од 21 m, односно 3 ламели со висина од по 7 m. Истата е изведена врз расед преку кој поминува новиот регионален пат.

Гледано од технички аспект поволноста и предноста на ваквата флексибилна конструкција во однос на значително покрути конструкции изработени од армиран бетон (мостовски конструкции, потпорни ѕидови и сл.) е во нејзиното однесување во периодот на екслопатација. Имено, при сеизмичко дејство и/или при евентуални зголемени деформации на теренот во зоната на раседот посебно на контактот помеѓу различните геолошки средини (шкрилци и мермери) ваквата конструкција може многу полесно флексибилно да ги следи поместувањата и да претрпи помали оштетувања во споредба со крути армирано-бетонски конструкции. Во случај на примена на крути конструкции при зголемени деформации на подлтото, во конструкцијата се развива нова состојба на напрегања проследена со зголемени внатрешни статички големини кои можат да предизвикаат трајни деформации на конструкцијата кои тешко се санираат. Сето ова води кон потешко и поскапо одржување на конструкцијата во периодот на експлоатација доколку наместо флексибилна се изгради покрута односно армирано-бетонска конструкција.

Примената на геосинтетици и жичани производи (габиони) стана секојдневна пракса во градежништвото во Р. Македонија. На база на досегашното искуството може да се заклучи дека некои од изведените проектни решенија би биле многу поскапи дури и многу потешки за реализиција доколку не се применети геосинтетици и жичани производи. Од аспект на проектирањето на вакви конструкции преку мониторинг на однесувањето на веќе изведените конструкции и споредба на резултатите со извршените пресметки во проектите може да се заклучи дека нивното однесување (пред се деформациите и носивоста) можат да се пресметаат на технички задоволително ниво.

Покрај примената на геосинтетиците и жичаните производи за изведба на потпорни конструкции од армирана земја, тие во нашата држава се применети и за некои специфични случаи како што е направено при надвишување на хидројаловиштето Тораница.

Генерален заклучок е дека во Р. Македонија има тендеција на зголемување на примената на вакви производи со што како држава го следиме трендот на проектирање и изведба на современи геотехнички конструкции.

Локација на потпорната конструкција од армирана земја

Карактеристичен попоречен пресек на армиранта земја

Изглед на потпорната конструкцијао од армирана земја по завршување на градбата

 

Презентација на трудот на Подунавска конференција, Скопје 2018

 

Изработиле: Борис Богоевски, дипл. инж. по геотехника

Атанас Страшески, дипл. инж. по геотехника

Теодор Димитриевски, дипл. инж. по геотехника

Систем за планирање на ресурсите во претпријатието (ЕРП)

Примена на систем на армирана земја на регионален пат Скопје-Сончев град