, ,

Гинеколошките инфекции

Д-р.Спец.Гинеколог Ирена Гошева од One Hospital ќе ви одговори подетлано во врска со “Гинеколошките инфекции”

Кога се јавуваат инфекциите

Инфекциите од гинеколошка природа може да се јават во било кое возрасно доба, но најчесто е во репродуктивното доба. Се карактеризираат со зголемен вагинален исцедок, кој се карактеризира со интензитет, боја и специфичен мирис, но може да е и пропратено со нарушување на општата состојба, како болки во стомакот , зголемена телесна температура, малаксаност и.т.н.

Дали секогаш вагиналниот исцедок значи и инфекција?

Не, зголемен вагинален исцедок може да се јави при физиолошки односно при нормални промени во телото. Па така на пример, зголемен вагинален исцедок може да е поврзано со нивото на естроген во крвта како при: пубертет , бременост и употреба на контрацептивни пилули.

Патолошки, но од неинфективна природа , вагиналниот исцедок може да е зголемен и во состојби како на пример присуство на страно тело во вагината (тампон, кондом и.т.н), може да е симптом на некаков тип на карцином на гениталните органи. Имено, може исто така да биде и придружен симптом на постоење на генитална фистула , како и тоа да биде резултат на други бенигни промени , па дури и алергиски реакции.

Дали сите инфекции во гинеколгијата се сексуално преносливи?

Не, има и одреден дел на инфекции кои не се сексуално преносливи и настануваат кога се нарушува балансот на нормалните микроорганизми во вагината или уште познат како “нарушување на локалниот имунитет” . Kога се нарушува тој баланс, одредени микроби може да се намножат и да предизвикаат патолошка состојба која влијае на репродуктивното здравје на жената. Една од тие состојби е т.н. бактериска вагиноза , која и всушност се третира само жената , не и нејзиниот партнер, за разлика од сексуално преносливите инфекции.

Како се лекуваат инфекциите во гинекологијата?

Секоја состојба на зголемен вагинален исцедок треба адекватно да се евалуира и по правилно поставена дијагноза, задолжително да се лекува. Третманот зависи од причината, а кај сексуално преносливите инфекции третманот е секогаш со одреден антибиотик и секогаш се лекуваат и жената и нејзиниот партнер.

Кои се последиците од инфекциите?

Широк е спектарот на последиците, од локална инфекција, па се до пелвична инфламаторна болест која може да го засегне целиот репродуктивен тракт, па се до засегање на целиот организам или т.н. дисеминирана болест.

Компликациите може да се јават и кај жените , но и кај мажите исто така. На пример една од компликациите на сексуално преносливата Хламидија е Reiter’s syndrome,кој почесто се јавува кај мажи , а се карактеризира со воспаление на зглобовите, уретрата и коњуктивит.

Инфертилитетот треба да се нагласи како последица , како и последователниот зголемен ризик за ектопична бременост.

Во бременоста последиците од инфекциите може да бидат со многу сериозен исход и затоа нивна навремена дијагноза и третман е една од есенцијалните дејности на гинекологот.

Како да се заштитиме?

Правилната едукација за сексуалното здравје, која може да ја добиете од гинеколог, е една од најважните начини за превенција на сексуално преносливите болести, односно употребата на презервативи, едуцирање за последиците од промискуитетноста и.т.н.

8 најголеми грешки кои ги правиме при одржување на оралната хигиена

Гинеколошките инфекции