,

Кои испитувања се потребни за дијагноза на црнодробна болест?

Кои испитувања се потребни за дијагноза на црнодробна болест? Одговара Др. Ана Јовановска од One Hospital

Која е функцијата на црниот дроб?

Црниот дроб е витален орган сместен во горниот десен дел на абдоменот, под ребрата. Во него се одвиваат бројни процеси кои играат значајна улога за различните функции во организмот:

  • метаболизам на протеините, јаглехидратите и мастите
  • детоксикација на штетните материи, лекови, дроги и отрови
  • регулација на згрутчувањето на крвта
  • продукција на протеини и ензими
  • складирање на некои витамини
  • заштита на организмот од инфекции
  • продукција на жолчка, која е неопходна за варење на храната и др.

Што предизвикува заболување на црниот дроб?

Црнодробна болест претставува состојба кога постои воспаление или оштетување на органот кое може да влијае на неговата функција. Таа може да биде предизвикана од различни надворешни влијанија, како вируси, алкохол, лекови, дроги, отрови, понатаму од автоимуни и малигни процеси, или генетски нарушувања.

Кои се знаците и симптомите за црнодробно оштетување?

Во раните фази можно е да нема никакви симптоми, или да се јави замор и недостаток на енергија.

Со напредување на болеста може да се појават:

  • жолто пребојување на кожата и белките од очите (жолтица)
  • темна урина и/или бледа столица
  • гадење, повраќање и губиток на апетит
  • болка во горниот десен дел на абдоменот и/или отекување на стомакот
  • чешање на кожата
  • склоност кон модринки и продолжено крварење

Зошто функционалните биохемиски тестови се барани од страна на докторите?

Функционалните тестови за испитување на црниот дроб помагаат во откривање и следење на болеста и ефектите од терапијата. Со нив се одредува и големината на оштетувањето, на пр. цироза на црн дроб која претставува непоправливо оштетување.

Стандардни биохемиски испитувања се:

  • AST (аспартат аминотрансфераза) и ALT (аланин аминотрансфераза) – овие два ензими се користат рутински. Тие се покачени кај хепатитис, а нивниот меѓусебен однос може да покаже дали се работи за алкохолно оштетување.
  • ALP (алкална фосфатаза) – ензимот се наоѓа во жолчните каналчиња и е покачен при нивна блокада.
  • GGT (гама-глутамил трансфераза) – и овој ензим е покачен кај блокада на жолчните патишта. Постојано зголемена активност е поврзана со хроничен алкохолизам.
  • Билирубин – од најголемо значење е директниот билирубин кој е покачен само кај болести на црниот дроб.
  • Вкупни протеини и албумин – овозможуваат разликување на акутно од хронично оштетување.
  • ПВ (протромбинско време) – служи за проценка на степенот на оштетување.
  • LDH (лактат дехидрогеназа) – овој ензим е покачен кај акутно заболување.
  • Амонијак – е покачен кај цироза во напреднат стадиум и откажување на црниот дроб.

Други тестови кои се од значење се крвната слика, серолошки тестови за вирусите на хепатитис, како и тумор маркерот AFP (алфа фетопротеин), кој е покачен при карцином на црниот дроб.

Дополнително во поставувањето на дијагноза се употребуваат и биопсија на црниот дроб и радиолошки испитувања.

Како да се спречи заболување на црниот дроб?

  • Се препорачува умерена консумација на алкохол.
  • Вирусниот хепатитис може да се спречи преку ограничување на контакт со телесни течности и преку вакцинација за хепатитис A и
  • Одржување на здрава телесна тежина и балансирана исхрана го намалува ризикот од појава на замастен црн дроб.

Третманот на црнодробна болест опфаќа промени во животниот стил на пациентот, медикаментозна терапија, хируршки третман, а во краен стадиум трансплантација на црн дроб.

Што е бенигна хиперплазија на простата?

Кои испитувања се потребни за дијагноза на црнодробна болест?