, ,

8 работи кои треба да ги знаете за вашето орално здравје, кои најверојатно не ги знаете

Зголемете го Вашето знаење за стоматологијата со овие необични факти за забите. Прочитајте ги нашите топ совети за четкање на забите и оралната хигиена.

Постојат голем број на стереотипи за стоматолозите. Има луѓе кои ги избегнуваат редовните прегледи и мали зафати, како професионалните чистења затоа што сеуште веруваат во митот за строгата фигура со рака која предизвикува болка. Од друга страна, има такви кои гледаат на стоматолозите на истиот начин како и на професорите. Тие ги избегнуваат затоа што на нив гледаат како на авторитет кој ќе ги искара.

Во реалноста, современите стоматолози се прилично грижливи луѓе. Тие внимателно ве подучуваат за Вашето орално здравје и не викаат, затоа што тоа не носи корист на никого. Тие знаат дека најдобриот начин да ја објаснат важноста од оралната хигиена е со прикажување колку е лесен и едноставен целиот процес. А потоа, доколку не е доволно, тие ќе остават слика од апсцес или инфицирано непце на видно место во ординацијата – тоа најчесто делува!

Без оглед на сé, Вашиот стоматолог е тука да ве води низ процесот до целосно орално здравје и хигиена. Не се плашете да поставите прашање. Разговарајте за Вашите грижи и стравови во врска со потенцијалните третмани. Барајте совети за најдобрите начини да ја одржите насмевката во одлична состојба. Не бидете еден од оние кои дозволуваат знаењето и експертизата на нивниот стоматолог да биде залудно и нецелосно употребено во крајната заедничка цел – здрава уста и убави заби.

Овој водич кој го подготвивме ги содржи најинтересните факти за Вашите заби и е одлична точка од каде може да почнете.

  1. КРВАРЕЊЕ НА НЕПЦАТА СКОРО СЕКОГАШ УКАЖУВА НА ПРОБЛЕМ

Ова е една од најважните лекции, затоа што проблемите со непцата се најчеста причина за  губиток на заби. Шокантен е бројот на луѓе кои се соочуваат со крварење на непцата и го игнорираат тоа. Ова е сосема погрешно однесување и нема да го реши проблемот. Доколку крварењето на непцата не се излечи, тие нема да се поправат сами од себе.

Дури и ако крварењето не е придружено со болка, тоа сепак може да биде симптом за хроничен гингивитис, воспаление на гингивалното ткиво или други скриени проблеми. Со тек на време, лигавицата во устата ќе стане чувствителна. Може да настанат тешкотии при јадењето на одредена храна, за конечно, забите да почнат да се расклатуваат и отпаѓаат. Иронично, проблемот може да се реши во само неколку недели и чини многу помалку (се додека нема голем губиток на коската околу забот), затоа не го игнорирајте.

  1. МОЖЕ ПРЕМНОГУ СИЛНО ДА ГИ ЧЕТКАТЕ ЗАБИТЕ

Всушност, голем број луѓе ги четкаат забите преагресивно. Ова најчесто се случува бидејќи дозволуваме мислите да талкаат додека ја извршуваме задачата. Додека четкаме, почнуваме да размислуваме за забавата наредната недела или новото парче облека што сакаме да го купиме. И додека фантазираме, несвесно го зголемуваме притисокот. Исто така, често се случува луѓето силно да четкаат, затоа што мислат дека тоа го забрзува процесот на четкање.

За жал, ова не е вистина. Нанесувањето притисок при четкање може да предизвика крварење на непцата, повлекување на гингивата (непцето) околу забот и болка во околните ткива. Затоа, обрнете малку повеќе внимание наредниот пат кога ќе се спремате за работа или за легнување. Ако сте љубезни кон Вашите заби, тие ќе ве наградат со цврста и здрава насмевка.

  1. МОЖНО Е ДА СТЕ АЛЕРГИЧНИ НА ПАСТАТА ЗА ЗАБИ

Ова е факт кој може да изненади голем број луѓе. Ретко станува збор за тоа, и најчесто луѓето не се свесни дека воопшто постојат алергии и сензитивности од пастата за заби. Не помага ни фактот дека знаците може да бидат тешко забележливи. Најочигледен симптом за сензитивност предизвикана од пастата за заби е набрчкување и лупење на слузокожата на внатрешноста од образот. Во некои случаи, овие „ранички“ може да предизвикаат пецкање, но скоро никогаш не предизвикуваат болка. Како и да е, тие ранички во устата често се доказ дека Вашето тело не ги поднесува хемикалиите во пастата. Во тој случај, препорачано е да купите природна паста за заби од продавница за здрава храна или од аптека.

Секако доколку ова брчкање и лупење на слузокожата не се изгуби после промената на пастата за заби – веднаш консултирајте стоматолог!

  1. ПРОМЕНА ВО ХОРМОНИТЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ НЕПЦАТА

Кај жените, идејата за тоа дека хормоните може да влијаат врз деликатниот екосистем на телото не е нешто ново. Овие магични хемикалии можат да донесат одредени промени како промени во растот на косата, должината на ноктите, должината на стапалата и слично. Затоа, не би требало да биде изненадување дека промени во хормоните можат да влијаат и врз здравјето на непцата и оралното ткиво. Во различни периоди од менструалниот циклус, хормоните се зголемуваат и ризикот од крварење на непцата расте.

Ова не претставува огромен проблем и не треба да предизвика загриженост, сé додека вашата хигиена постигнува заби без плак и крварењето не стане постојано или хронично. Кај бремени жени и оние кои поминуваат низ менопауза, проблемот може да се пролонгира и бара третман од професионалец.

  1. ОВОШНИТЕ СОКОВИ СЕ ЛОШ ИЗБОР

Комплексниот свет на оралното здравје понекогаш носи одредени предизвици, најчесто за оние кои се држат до здрава исхрана и здрав начин на живот. На пример, сите знаеме дека јадењето овошје е многу здраво за телото. Тоа обезбедува доволен извор на витамини и минерали и му помага на имунолошкиот систем да остане што е можно посилен. Од друга страна, тоа може и да го опустоши забниот емајл.

Ако сте љубител на овошни сокови, важно е да разберете дека само затоа што е корисно за телото, тоа не значи дека е еднакво вредно и за забите. Ова е фрустрирачки конфликт, но е еден кој не може да се занемари. Најдоброто што можете да го направите, ако сакате да продолжите да уживате во јадењето овошје, е да го јадете за време на оброк, во комбинација со друг вид на храна. Друг начин да ги поштедите забите од силните овошни киселини е да го консумирате цедениот сок преку цевка. Потоа, измијте ги забите половина час после јадењето.

  1. ЛЕКОВИТЕ МОЖЕ ДА ЈА ИЗМЕНАТ ВАШАТА УСТА

Со оглед на тоа дека устата е деликатно место, постојат многу работи кои може да ја вознемират нејзината внатрешност. Една од нив се лековите на рецепт. Доколку земате лекови кои Ви се препишани од доктор, секогаш е добра идеја Вашиот стоматолог да знае за тоа. На тој начин, тие ќе бидат вклучени во дискусијата за сите идни третмани или рутини за дентално здравје.

Воедно, зборувајте со Вашиот доктор за тоа како препишаните лекови може да влијаат на Вашето орално здравје. Колку повеќе информации имате, толку полесно ќе биде да се справите со неочекувани проблеми или предизвици во оралната хигиена. Најраспространет проблем предизвикан од препишани лекови е сува уста. Додека ова може да звучи како мал проблем, ако трае подолг период, може да ги ослабне забите и да ги направи поподложни на кариес. Пиењето големи количини вода во текот на денот може многу да помогне во вакви случаеви.

  1. ЗАБИТЕ СЕ ОГЛЕДАЛО НА ФИЗИЧКОТО ЗДРАВЈЕ

Ако некогаш ви било кажано дека устата е огледало на целокупното здравје, може да се сметате себеси за среќна личност што сте сретнале толку мудра личност. Ова е апсолутно точно. Како и со очите, докторите можат да кажат многу за Вашето здравје со еден едноставен преглед. Да поедноставиме, токму затоа е од есенцијално значење да вршите редовни посети кај стоматолог.

Колку побрзо се откријат болестите, толку побрзо може да бидат третирани. Затоа, не ја потценувајте посетата на стоматолог. За хронично болните, оралното здравје мора да заземе место во генералната грижа за пациентот. На пример, истражувањата покажале дека дијабетичарите имаат три пати поголеми шанси да развијат пародонтална болест. Но, доколку редовно посетуваат специјалист и ја одржуваат оралната хигиена на високо ниво, потенцијалните ризици може ефективно да бидат набљудувани.

  1. МАЛИТЕ ПРОМЕНИ МОЖАТ ДА БИДАТ ОД ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ

Постојат многу луѓе кои ја одложуваат посетата на стоматолог бидејќи се плашат дека ќе бидат засрамени заради состојбата на нивните заби. Додека ова чувство е сосема разбирливо, тоа нема основа во современата стоматологија. Стоматолошката ординација е место за грижа на Вашето орално здравје и Вашиот стоматолог има одговорност да Ве третира со почит и разбирање. Не дозволувајте стравот или срамот да Ве натераат да игнорирате ситен проблем кој потенцијално може да порасне во нешто посериозно.

Можете да го победите стравот од стоматолог уште денес и да го направите тоа со мали чекори. Никој не очекува од Вас да го превртите животот или Вашето орално здравје преку ноќ. Но, можете да го направите тоа со преземање одговорност и со барање на вистинските информации, вистинскиот стручен тим и со исполнување на секојдневните обврски кон своите заби. Никогаш не е доцна да почнете да се грижите за Вашите заби.

 

За повеќе совети околу Вашето орално здравје, следете нé на нашата Facebook страна.

Третман за детоксикација на тело

8 работи кои треба да ги знаете за вашето орално здравје, кои најверојатно не ги знаете